
Пред нешто помалку од еден час почнаа да излегуваат информации дека дел од турската војска организира преземање на власта во државата, односно дека во тек е извршување државен удар.
Властите во Анкара го потврдуваат ова, меѓутоа истакнуваат дека се работи за обид за државен удар и дека работите ќе бидат ставени во контрола.
Како и обично кога нешто се случува во Турција, блокирани се главните социјални мрежи кои во вакви ситуации се едни од главните извори на брзи информации за тоа што се случува. Социјалните мрежи овозможуваат обичните граѓани сликите и видеата кои ги имаат многу едноставно да ги објават онлајн, па сите останати да можеме многу подобро да добиеме претстава што се случува.
Во овој момент ситуацијата се’ уште е во тек, па сите информации кои се добиваат се само за тоа што се случува на терен, меѓутоа не е познато кој го организира сето ова, односно кој стои во позадина.
Исто така, се’ уште не е познато дали државниот удар е само во обид или ќе биде успешно извршен.
Од информациите коишто досега беа достапни, се истакнува присуство на војската во главниот град, тенкови кај аеродромот, надлетување на авиони, а има информации и за престрелки.
Извор: Mashable, TechCrunch, The Guardian