Вечната борба меѓу филмските гикови се сведува на тоа кој универзум на суперхерои е подобар: дали тој на DC Comics, или тој на Marvel? Дали Бетмен, Аквамен, Супермен се подобри од Ајрон Мен, Тор, Капетан Америка итн.
Судејќи по последниве десетина години, слободно може да се каже дека филмовите на Марвел се многу поуспешни од тие на ДЦ. Марвел се вивна во филмскиот свет со Ајрон Мен (2008). Оттогаш, тие редат успеси со своите филмови кои ќе кулминираат наредната година со последниот дел на Одмаздници (Avengers).
Од друга страна, ДЦ мака мачи да направи солиден филм кој ќе ги задоволи фановите. Супермен (Man of Steel) беше ОК, ама недоволно добар за да ја преземе „титулата“ од Марвел. Следеше не толку ОК продолжението на тој филм – Бетмен против Супермен. Уште полош беше Лига на правдата. Да не зборувам за катастрофалниот Suicide Squad. Филмовите на Марвел се подобруваат, а тие на ДЦ стануваат полоши. Зошто е тоа така?
Проблемот со сценаријата
Како прво, ликовите во филмовите на Марвел се на некој начин relatable (покрај нивните супермоќи и суперинтелигенција). Режисерите и сценаристите се обидуваат да создадат приказна околу нив, која опфаќа повеќе работи од начинот на кој што изгледаат во своите хулахопки и тесни костими.
Ликовите се добро сплотени и имаат одлична хемија едни со други. Хуморот во Марвел е неспоредливо подобар од тој во филмовите на ДЦ. Овде несомнено помага поквалитетното сценарио со кое работат глумците. ДЦ претежно се потпира на визуелните ефекти и се трудат да ги направат нивните филмови покул за гледање.
Лига на правдата изобилува со одлична кинематографија и визуелни ефекти, но освен тоа не може да се пофали со ништо друго освен со празни дијалози и расфрлање со тупаници, секири, и шлаканици. Сетете се колку беше забавен за гледање Тор: Рагнарок или првиот дел од Чувари на Галаксијата. Најзабавниот дел од Лига на правдата ми беше следниов:
Акциони сцени
Марвел е далеку пред ДЦ во овој поглед. На пример, првата сцена од Winter Soldier веднаш не втурнува во акција. Но не е само до тајмингот, туку и до чувството на реалност кое го имаат овие сцени. Од друга страна, првата сцена од Justice League нуди темнини, кул потези на Бетмен и не запознава со одвратната долна вилица на Супермен.
Марвел има повеќе „душа“
Без разлика што се работи за полубогови и милијардери во роботски одела, Марвел работи доволно на своите ликови за кај нас да предизвика сочуство со нивното страдање. При крајот на Одмаздници 3, ја чувствуваме загубата која ја гледаме на екраните.
Марвел посветува далеку повеќе внимание на суштината отколку на формата. А тоа е нивната најголема предност. И причината зошто ДЦ нема да ги стигне во догледно време.