Во еден претходен пост, пишував за паранојата во Европската Унија после крвавиот терористички напад врз Шарли Ебдо во Париз. Некои личности повикуваа на укинување на дигиталната енкрипција, додека во повеќе европски земји се воведуваат закони со кои ќе се зајакне државната моќ за шпионирање на своите граѓани. Како дел од овие напори, Гардијан пренесува дека Европската Комисија има изработено против-терористички план, според кој ќе треба да бидат зачувани податоци за сите граѓани кои патуваат од и до некоја од европските земји. Како што пренесува Гардијан:
Европскиот план на Комисијата кој ќе биде објавен во среда ќе бара чување на 42 одделни парчиња на информации за секој патник кој лета во и надвор од Европа, вклучувајќи ги нивните банкарски податоци, домашна адреса и одбрано мени за јадење, како на пр. халал, во централна база на податоци за време до пет години и со можност за пристап од страна на полициските и безбедносните служби.
Треба да се спомене дека задржувањето на податоци, односно ЕУ директивата за задржување на личните податоци, според која телекомуникациските компании треба да ги задржуваат метаподатоците од комуникациите на своите корисници беше прогласена за нелегална од страна на Европскиот суд на правдата. Претставници на овој суд своевремено изјавија дека задржувањето на личните податоци претставува:
Широко и особено сериозно мешање во основните права на почитување на приватниот живот и на заштитата на личните податоци, без притоа тоа собирање да се ограничи на она што е неопходно.
„Зелениот“ европратеник Јан Филип Албрехт, кој е заменик-претседател на Комитетот за граѓански слободи на Европскиот парламент, слично посочува на фундаментален проблем со усвојувањето на овој предлог и праткиката на „собери се“ менталитетот кој се повеќе го присвојува ЕУ, а е позната мантра според која се раководи американската разузнувачка агенција – НСА:
Плановите на Комисијата се навреда за критичарите на Европскиот парламент и на Европскиот суд на правдата, кои одлучија дека задржувањето на податоци, без каква било поврзаност со одреден ризик или сомневање не е пропорционално.
Се чини дека паниката ширум европските владетели се повеќе се зголемува, како резултат на загризувањето на тероризмот и закани од идни напади. Паранојата предизвикува донесување на непромислени одлуки како оваа, при што ќе бидат загрозени низа фундаментални човекови права за борење со невидлива цел. Останува уште да пропишат систематски преглед за сите патници што пристигнуваат во ЕУ. Наместо да се занимаваат со проценување на ризични осомничени и насочено следење на тие осомничени, Европската Унија го следи примерот на САД после нападите на 11 септември.
Тогашната параноја на владата на САД резултираше со мачење на затвореници, нелегално притворање на невини лица и загуба на човечки животи. Тоа можеби нема да се случи на европско ниво во блиска иднина. Сепак, стихијното нарушување на основните човекови права и слободи е правец во кој чекорат европските законодавци. Патриотскиот акт се наметнува како логичен нареден чекор.