Ретко читам блогови во последно време. Не знам точно од која причина, но се сомневам дека игра улога тоа што повеќе читам книги. И тоа што сакам малку да ги одморам очите од компјутерски екран. Не дека не читам веќе блогови, ама значително помалку од порано.
Периодов повеќе ми годат „њузлeтери“. Следам повеќе од нив, некои ги имам најдено случајно, некои се од автори што ги следам подолго време. Во секој случај, тие ми праќаат мејл еднаш неделно, на одреден ден. Доаѓа петок, и знаеш дека ќе си добиеш мејлче од Тим Ферис. Понеделник отвораш компјутер и гледаш дека Марк Менсон ти има испратено мејл. Така открив повеќе интересни работи по интернетов, дали се тоа написи, видеа, филмови, музика итн. Некои од работите што ги препорачувам сум ги нашол баш по овие мејлови. Мејлинг листите се понов тренд, но мислам дека погодуваат во дел од мозокот што се’ уште не е преоптоварен од реклами, лајкови и споделувања. Мејлот го чувствуваш како поприватен дел од твојот живот. Повеќе си во контрола. Кога читам мејл, имам повеќе концентрација, затоа што моето внимание не е распрснато на блескави веб банери од страна.
Пробајте ги, можеби ќе ви се допаднат.
Како што реков, во петок знам дека Ферис ќе ми испрати мејл. Не го прави тоа за мене лично, туку за милиони луѓе што се претплатени. Секој петок тој прави селекција на интересни работи на кои наишол по интернет во изминатата недела и ги споделува со своите читатели. Мислам дека е еден од првите подобри њузлетери на кои се имам претплатено (реално ништо не плаќам за неговите мејлови, само терминот ми се допаѓа повеќе од масакр терминот „сабскрајбнато“).
Ова е насловот на мејлот што Џејмс Клир, авторот на Атомски навики, го испраќа секој четврток до неговите читатели. Во овој серијал, тој споделува 3 идеи од него, 2 цитати од други и 1 прашање кое го поставува за читателите. Секогаш е нешто корисно, секогаш има нешто што ќе те натера да помислиш. Ептен добра книга, ептен добар автор, ептен добри мејлови.
Мејлингот на Марк Менсон. Скоро ја препорачав неговата книга како вредна за читање. Ја завршив пред некој ден, па можам со сигурност да кажам дека е феноменална. Нешто ми одговара во начинот на кој пишува Менсон. Држи одлична нарација во книгите и тоа што го пишува многу лесно се лепи во мојот мозок. Во сличен стил ги пишува и неговите понеделнички мејлови. Споделува идеи и размислувања за светот, за луѓето, и за што уште не.