
Елон Маск, самоуверено излезе на Twitter пред скоро два месеци и најави дека планира приватизирање на Tesla, а за тој план има обезбедено сигурни средства. Дека нешто нема да биде баш како што треба можеше да се насети наскоро, кога тој не излезе со доказ за своите тврдења, а полека почнаа да излегуваат информации за тоа кој е инвеститорот.
Кратко кажано, во приодот што следеше се дозна дека инвеститорот за кој Маск говори е Суверениот Саудиски Фонд, кој потоа се дозна дека не е баш сигурен за својата инвестиција во Tesla, па на крајот заврши со инвестиција во конкурентот Lucid Motors.
За целиот случај беше најавена истрага од страна на Комисијата за хартии од вредност на САД, односно Securities and Exchange Commission (SEC), кои на крајот поднесоа и тужба која минатата недела беше завршена преку спогодба.
Спогодбата на Маск, Tesla и SEC подразбира неколку работи, а тие се сумирани во следните точки:
- Маск веќе нема да биде Претседател на одборот на директори на компанијата и ќе биде заменет со нов и независен Претседател. Исто така, Маск нема да смее да се врати на оваа позиција во наредните три години
- Tesla ќе назначи и два нови независни членови во одборот на директори
- Tesla ќе мора да води поголема грижа преку посебен сектор кој ќе ги следи комуникациите на Маск со јавноста
- Маск и Tesla ќе платат по 20 милиони долари, односно 40 милиони вкупно како казна, а парите ќе се искористат како надомест на штетата која ја пријавија некои од акционерите.
Елон Маск сепак ќе ја задржи директорската позиција, што значи ќе продолжи да е директно и секојдневно вклучен во работата на компанијата.