
Вештачката интелигенција денес е насекаде – од чатботови кои ни пишуваат мејлови, преку алатки кои генерираат слики, па сè до системи кои пишуваат код за нас. Сите зборуваат за неа, инвеститорите фрлаат милијарди, а некои дури прогнозираат дека набрзо ќе нè замени на работните места. Но, еден од најголемите пионери во оваа област, Ендру Нг, има поинакво мислење: АИ е неверојатна, но и високо ограничена.
Нг не е некој случаен коментатор. Тој е ко-основач на Google Brain (кој подоцна стана дел од DeepMind), бил главен научник во Baidu, предава на Stanford, основач е на Coursera и DeepLearning.AI, а на LinkedIn има над 2,3 милиони следбеници како „Top Voice“. Кога тој зборува за АИ, вреди да се слушне.
Во неодамнешно интервју за NBC News, на маргините на неговата конференција за ВИ развивачи во ноември, Нг истакна: „Тешкото кај ВИ е што е неверојатна и истовремено високо ограничена. Да се разбере тој баланс – колку е неверојатна и колку е ограничена – тоа е тешко.“
Тој е убеден дека вештачката општа интелигенција (AGI) – односно ВИ која може да ги извршува сите човечки задачи на ниво на човек или подобро – е далечна можност. За разлика од некои други ВИ личности кои велат дека AGI ќе дојде за неколку години, Нг гледа во реалноста на денешното тренирање на моделите: „Гледам колку се комплексни рецептите за тренирање и колку е рачно развивањето на ВИ денес, и нема шанса ова само по себе да нè одведе до AGI.“
Според него, зад секој „паметен“ одговор на АИ стои огромен човечки труд – подготовка на податоци, тренирање, финесување – труд што јавноста често го потценува.
А што со стравот дека ВИ ќе ни ги земе работните места? Нг е оптимист. Тој дури советува сите да учат да програмираат, дури и во ерата на ВИ. Неодамна некои бизнис лидери советуваа луѓето да не учат програмирање бидејќи ВИ ќе го автоматизира. Нг вели дека тоа ќе се покаже како најлошиот кариерен совет некогаш даден. „Како што програмирањето станува полесно – а тоа се случува со децении – повеќе луѓе треба да програмираат, не помалку.“
Нг признава дека ВИ носи ризици – халуцинации, проблеми со менталното здравје, потенцијални злоупотреби – но смета дека придобивките се далеку поголеми од штетите. Тој е против престроги регулации кои би ја задушиле иновацијата, а се залага за транспарентност од големите ВИ компании.
На крајот, Нг е возбуден за иднината: очекува гласната ВИ да стане огромна ( „Во Star Trek никој не пишува на тастатура“), а и агентската ВИ да донесе вистинска комерцијална вредност.
Заклучокот на Нг е јасен и трезвен: ВИ ќе нè направи попродуктивни, ќе ни помогне во секојдневието, но човечката креативност, рачниот труд и разновидноста сè уште се далеку пред неа. Наместо да се плашиме од замена, подобро е да научиме да ја користиме – и да програмираме со неа.










































