Фото: Shutterstock.com

Сега веќе доста познатата компанија DeepSeek, која на почетокот од годината направи целосна промена на пазарот на генеративна вештачка интелигенција, веќе работи на претставување на наредната генерација од „штедливиот“ јазичен модел. 

DeepSeek R2 според информациите се очекува во мај, но од Reuters информираат дека од компанијата ќе го забрзаат развојот и ќе го претстават моделот нешто порано. 

Според медиумот, од компанијата планираат да ја искористат популарноста која ја добија и влијанието на пазарот, па брзаат да го претстават нивниот DeepSeek R2 модел. 

Како една од причините за можното брзање на DeepSeek може да е претставувањето на OpenAI o3-mini јазичниот модел кој исто како R1 бара доста помалку ресурси, а според некои информации тој може да функционира и поефикасно од кинескиот конкурент. 

Претставувањето на R2 се смета како добар потег додека останатите се’ уште се чудат на способноста на јазичниот модел од DeepSeek кој чинел многу помалку во споредба со милијардите долари кои ги потрошија повеќето конкуренти. 

DeepSeek добива поддршка и од кинеските власти, а на запад апликацијата почнува да биде блокирана на одредени места. Сепак, јазичниот модел е со отворен код, па истиот може да се најде кај некои од познатите апликации кои се достапни за сите. 

За основачот на DeepSeek, Лианг Венфенг, од Reuters пишуваат дека е доста интровертен и е познат по тоа што ги плаќа своите вработени и повеќе од просекот во земјата.

Компанијата мајка на DeepSeek, High-Flyer, исто така основана од страна на Венфенг, уште во 2020 и 2021 има нарачано голема количина од A100 чиповите од Nvidia, со што го има привлечено вниманието на кинеските власти. Оваа нарачка е направена пред да стапат на сила забраните за извоз во Кина од САД, а се смета и како клучна за успехот на DeepSeek. 

Вниманието го привлекува токму оваа ситуација, тренирањето на моделот на нешто постарите чипови од Nvidia, додека другите ги надградуваат своите сервери со најновите чипови. 

Дефинитивно ќе биде интересно да се види каков ќе биде пазарот по претставувањето на DeepSeek R2 и какви ќе бидат неговите способности, а и реакцијата на конкурентите. 

ИЗВОРReuters
Претходна статијаМакедонски Телеком ја заврши 2024 година со одлични финансиски резултати, раст и лидерство
Следна статијаAdobe претстави бесплатна Photoshop апликација за iPhone
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.