Microsoft продолжува со интегрирањето на генеративната вештачка интелигенција каде што стигне. Според извори на Windows Central, од компанијата планираат да ја интегрираат ВИ во нивната Paint апликација.

Целта е јасна, корисниците ќе можат да внесат одредени насоки за тоа каква слика би сакале да им биде создадена од страна на ВИ, па истата ќе можат да ја искористат за да продолжат со „цртање“ во апликацијата.

Веќе е официјално најавено дека вештачката интелигенција ќе биде директно интегрирана во Windows 11, со верзијата од системот која треба да биде пуштена во наредните месец до два. Windows Copilot е наречена таа интеграција која во основа го донесува Bing Chat директно во Windows.

Што се однесува до останатите информации кои ги имаат од Windows Central, може да се каже дека Microsoft со тие новини ги стига другите, односно Android, iOS и macOS.

Тоа што наводно го планираат од компанијата е можноста за вадење и копирање на текстот од сликите преку Photos и Snipping Tool апликациите.

Посебно интересна и корисна функција која се планира е можноста да се копира одреден објект од сликите во Photos апликацијата и тој објект да се искористи на друго место.

Не е познато дали овие новини навистина ќе станат дел од Windows 11 и со која верзија, односно дали би биле дел од поголемата есенска надградба или може да ги очекуваме нешто подоцна.

ИЗВОРWindows Central
Претходна статијаChrome на iOS ќе овозможи преместување на лентата за адреси на долната страна
Следна статија„Теламон“ ја пушти во употреба новата производствена единица
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.