Вештачка општа интелигенција или AGI – Artificial general intelligence, е наредното ниво на развојот на вештачката интелигенција кое може да се каже дека ќе го заслужи засега повеќе маркетиншкото име.
Ова е нивото кое ќе и овозможи на вештачка интелигенција самата да се унапредува, односно да учи нови работи без потреба од сегашното тренирање на јазичните модели од страна на програмерите.
Без разлика од сегашното верување од многу корисници дека алатките како ChatGPT го разбираат корисникот вистински и му даваат одговор врз основа на тоа разбирање, сепак работите се на многу пониско ниво од тоа.
Се’ уште постои дебата за тоа колку е возможен развојот на AGI и кога реално може да се очекува. Претпоставките одат од наредните пет години, па се до наредните 100, а според некои ова ниво нема да може да биде постигнато.
Чести се шпекулациите и очекувањата дека OpenAI се на работ на достигнување на AGI, а тие очекувања повторно станаа гласни овој период.
Директорот на OpenAI, Сем Алтман, ги смири очекувањата преку објава на X. Тој истакнува дека возбудата на „twitter“ повторно е надвор од контрола и тие нема да претстават AGI наредниот месец, а додава и дека оваа интелигенција се’ уште не е развиена.
На крајот истакнува дека од компанијата имаат интересни работи кои ќе ги претстават, но очекувањата треба да бидат намалени за 100 пати.
Шпекулациите околу AGI во овој период беа поврзани со наводен состанок на OpenAI со владини претставници закажан за крајот од овој месец.