На почетокот од месецот Тим Кук потврди нешто што со сигурност го очекувавме од Apple оваа година, а тоа е дека и тие ќе претстават интеграција на генеративната вештачка интелигенција кај нивните производи и сервиси.

Карактеристично за нив, Apple не се приклучија веднаш на трендот од конкурентите изминатите година дена и нешто повеќе, но јасно е дека нема да смеат да ја пропуштат оваа година.

Според неофицијалните извори, едни од апликациите и функциите кои ќе добијат вештачка интелигенција се Spotlight и Xcode апликацијата за програмерите.

Кај Xcode ова е повеќе од очекувано, а новината може да се спореди со GitHub Copilot од Microsoft. Во основа, програмерите ќе имаат алатка во апликацијата која ќе им помага при проверка и пишување на код, нешто што се покажа доста корисно и популарно изминатата година.

Интеграцијата кај Spotlight е доста интересна и ќе им се погоди на сите корисници. За потсетување за тие кои не се корисници на Apple, Spotlight е функцијата на iOS и macOS која овозможува пребарување низ системот и преку интернет, а овозможува и извршување на одредени команди.

Се очекува дека преку овој дел сега ќе може да се поставуваат посериозни прашања, слични како што тоа се прави на ChatGPT, па корисниците ќе имаат уште поголема причина да ја користат функцијата.

Ова не се единствените апликации и функции за кои се очекува ваква надградба, па на WWDC оваа година ќе можеме да ги видиме новите планови на Apple.

ИЗВОРThe Verge
Претходна статијаНовиот изглед на Жито Лукс, одраз на идните цели и развојни планови на компанијата
Следна статијаСКОПСКО платформата „Наша гордост. Наша одговорност.“ и оваа година продолжува со кампања за собирање средства за заштита од загадување на националните обележја
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.