Двајцата основачи на една од најпопуларните мрежи во денешно време, Instagram, Кевин Систром и Мајк Кригер, пред скоро една година го претставија нивниот нов проект, апликација за вести која функционира на основа на вештачка интелигенција.
Апликацијата Artifact за кратко време стана доста популарна, а во периодот што следеше редовно добиваше и нови функции. Според мене, тука некаде беше и грешката, па апликацијата стана непотребно сложена и полна со функции.
Artifact сепак нема да продолжи да биде развивана и истата ќе престане да функционира, а први ќе престанат да функционираат коментарите, по што ќе дојде и до целосно гаснење.
Информацијата е објавена од страна на Кевин Систром преку Medium, каде истакнува дека „направивме нешто што го сакаат основна група корисници, но заклучивме дека пазарната можност не е доволно голема за да гарантира континуирано инвестирање на овој начин.“
Кратко кажано, иако Artifact има добра бројка на корисници, таа сепак не е доволно голема за да може да се оправда нејзиниот развој и инвестирање.
Тимот од осум луѓе ќе продолжи да функционира на посебни проекти, а основачите на апликацијата најавуваат дека тие повторно ќе работат нешто во областа на вештачката интелигенција.
Штета што не успеа оваа апликација, а посебно што ретки се навистина добри апликации за вести, обично се комплицирани со сложен начин на избор на извори.