Microsoft почна да тестира VPN сервис во нивниот Edge интернет прелистувач кој наскоро би требало да им стане достапен на сите корисници. Сервисот е наречен Microsoft Edge Secure Network и на корисниците им овозможува неколку функции кои треба да им ја подобрат приватноста и безбедноста додека сурфаат.
Microsoft Edge Secure Network е направен во соработка со Cloudflare и само поради тој факт може да се каже дека ќе добие доста поени кај корисниците. Cloudflare се познати по тоа што скоро и да не чуваат никакви информации за своите корисници, а и тоа што се чува се брише за кратко време, со што навистина се добива одредено ниво на приватност.
Сервисот ќе биде бесплатен, но ограничен на 1GB месечно и корисниците ќе мора да се најавени со својата Microsoft сметка, за што од компанијата истакнуваат дека ќе се користи во главно за следење на потрошеното ограничување. Истото се ресетира на почетокот од секој месец.


Microsoft истакнува неколку предности кои корисниците ќе ги добијат со користење на Microsoft Edge Secure Network, како што се шифрирање на комуникацијата како заштита од хакери, заштита од следење од страна на интернет операторот, доделување на виртуелна IP адреса со што се крие вистинската локација на корисникот.
Исто како што е случајот со VPN сервисот од Cloudflare, ваквите сервиси не се замислени за да се користат за гледање на одредена содржина која не е достапна во одредени делови во светот, како што тоа го рекламираат другите VPN сервиси. Главната намена е „сокривање“ на комуникацијата, односно веб страните кои се отвораат од трети страни кои би можеле да сакаат пристап до истото, со што се добива подобрена приватност и безбедност.
Ограничувањето од 1GB месечно покажува дека од компанијата не сакаат нивниот VPN сервис да се користи за одредени нелегални активности и слично, туку да се користи за стандардно сурфање во ситуации кога е потребно зголемување на приватноста.