Познатата апликација за разговори, Telegram, станува уште една од многуте апликации кои на корисниците ќе им овозможат објава на слики и видеа кои имаат рок на траење, односно познатите Stories.
Според компанијата, ова е една од најмногу бараните функции од страна на корисниците, па дури се истакнува дека и покрај тоа што тие се против Stories, сепак се компанија која ги слуша своите корисници.
Пуштањето на Stories на Telegram треба да се случи на почетокот од овој месец, односно за доста кратко време од сега.
Како и на другите мрежи, Stories ќе бидат поставени на горната страна од корисничкиот интерфејс на апликацијата, а корисниците ќе можат да притиснат за да ги видат.
Рокот на траење на овие објави ќе биде нешто поразличен од другите мрежи, па корисниците ќе имаат избор дали сакаат нивните „приказни“ да траат 6, 12, 24 или 48 часа, а ќе можат да ги остават на нивниот профил неограничен период.
Од Telegram истакнуваат неколку карактеристики кои ќе може да се очекуваат од нивните Stories, како што е изборот кој може да ги гледа, добра поставеност на горната страна, можност за криење на приказните кои корисникот не сака да ги гледа, алатки за измена и додавање на ефекти и текст на објавите и слично.
Тоа што до некаде ќе ги разликува Stories на Telegram од другите е можноста да се објавуваат слики и видеа од двете камери на уредот, нешто што стана популарно изминатиот период на Instagram.