Европската Комисија го објави списокот од шест компании кои според Digital Markets Act законот донесен минатата година, се сметаат како „чувари“ и со тоа мора да почитуваат одредени правила на функционирање.
Очекувано, една од тие компании е Meta, заедно со нивната WhatsApp апликација, меѓу другите.
Едно од правилата кое ќе мора да се почитува од компаниите чувари е овозможувањето на разговор помеѓу различните сервиси или со други зборови, корисниците на WhatsApp нема да смеат да бидат ограничени да разговараат само со другите WhatsApp корисници.
Нема да навлегувам во коментирање на законот, тој веќе е доволно критикуван, па само ќе кажам дека ваквите негови членови влегуваат во категорија на „неверојатни“.
WABetaInfo, кои редовно ги следат бета верзиите од WhatsApp, забележаа дека од сервисот се подготвуваат да ги спроведат правилата наметнати од ЕУ. Во кодот од најновата бета верзија за Android, додаден е нов дел наречен „Third-party chats“.
Ова покажува дека од компанијата се подготвуваат да овозможат разговори со другите вакви сервиси, па ќе видиме на кој начин би било тоа изведено.
Иако некои од членовите на овие закони делуваат како логични и потребни, ваквите покажуваат зошто никогаш не е добро кога бирократијата премногу почнува да се меша во работата на компаниите и животите на луѓето.
Постоењето на повеќе сервиси за разговори е тоа што го прави пазарот конкурентен и корисниците добиваат избор кој од тие сервиси би сакале да го користат.