
Вниманието кое се дава изминатите недели на TikTok сервисот слободно може да се каже дека е поголемо од што би требало. Истото во најголема мерка се дава поради значењето кое и е дадено на оваа апликација од страна на „Белата Куќа“, поточно претседателот Трамп, кој најави дека апликацијата ќе биде блокирана доколку не биде купена од страна на американска компанија, а за истото има и рок од 45 денови.
Пред оваа најава, Трамп донесе извршна одлука со која ги забрани трансакциите со ByteDance, компанијата која стои зад TikTok, со што се најави правецот во кој ќе се движат случувањата во периодот што следи.
Претседателот исто така истакна дека САД треба да добијат дел од парите кои ќе бидат дел од договорот, но не стана јасно врз основа на што ќе бидат наплатени тие пари.
Microsoft се првата компанија која се спомена дека е заинтересирана да го купи TikTok, а тоа тие го потврдија, истакнувајќи дека преговорите ќе завршат најдоцна до 15-ти септември, по што ќе се знае одлуката.
Иако првично се најави дека Microsoft би го купиле делот од апликација кој ќе функционира во САД и уште неколку други земји, сепак подоцна се истакна дека тие ќе преговараат за купување на целиот сервис, односно за целиот свет.
Во меѓувреме и Twitter влегоа во вестите како заинтересирана страна, но сепак се верува дека компанијата би немала доволно средства за да може да го направи договорот, а и од тогаш нема нов информација за сериозноста на оваа компанија за правење на ваква зделка.
Според информации од The Financial Times, уште една компанија има започнато преговори за купување на TikTok, а тоа е исто така големата и позната Oracle. Нема повеќе информации за тоа до каде се со преговорите и колку сериозно може да се очекува TikTok да заврши кај нив, па единствената информација која е пуштена е дека тие се сепак во почетна фаза.
Дали некој дефинитивно ќе ја купи TikTok не е уште јасно, а воопшто нема да изненади да на крајот оваа апликација биде блокирана во САД и можеби други земји. Веќе има конкурентни сервиси за овој дел од светот, а кога ќе се земе во предвид дека таков пуштија и Facebook, наречен Instagram Reels, јасно е дека корисниците нема да останат без ваков вид на друштвена мрежа.