Сликите кои се испраќаат во email пораките обично се сокриени од страна на серверот примач поради сигурносни причини, па во секоја посебна порака бевте прашувани дали сакате да ги видите сликите во пораката. Ова важи и за Gmail сервисот, а од Google даваат објаснување зошто тоа е така, барем до сега, односно тоа е направено за да корисникот биде заштитен од непознати испраќачи кои може да се обидат да ги искористат сликите да ја нарушат сигурноста на вашиот компјутер или мобилен уред.
Преку Gmail блогот, оваа недела беше најавено дека од сега сликите во пораките автоматски ќе бидат прикажувани и повеќе нема да бидете прашaни дали сакате да ги видите. Корисниците кои и понатаму сакаат да бидат прашани, тоа може да го направат преку Settings менито, во General делот со избирање на Ask before showing.
Причината поради која што е воведена оваа промена е новиот начин на прикажување на сликите од страна на Gmail, па тие веќе не би требало да може да претставуваат некаква сигурносна закана. Поточно, наместо прикажување на сликите директно од серверот на испраќачот или од било кој друг сервер на кој што се хостирани сликите во пораката, сега тие ќе бидат прикажувани преку прокси серверите на Google. Таму ќе бидат проверени за вируси и малициозен софтвер, па сигурносната закана нема веќе да биде проблем и сликите ќе може автоматски да се прикажуваат, забрзувајќи го работењето со пораките. Доколку серверите на Google откријат сомнителна слика, таа нема да биде прикажана и повторно ќе бидете прашани дали сакате да ја видите.
Оваа нова можност е достапна на Gmail web сервисот, како и Gmail апликациите на Android и iOS, а не важи за другите апликации од трети страни преку кои што може да ги добивате Gmail пораките.