Голем број на веб страни функционираат преку еден вид на исмевање на случувањата во нивната земја, односно општество. Со други зборови нивната содржина е сатирична, но сепак во тек со актуелните случувања и често поврзана со најчитаните вести. Во денешно време кога поголемиот дел од нас вестите ги следиме преку некоја од социјалните мрежи, меѓу кои се разбира најпознатата Facebook, сатиричните вести и вистинските вести се појавуваат на нашата листа со новости. Според Facebook, одреден број на корисници, распознавањето на овие два типа на вести е нешто што не им иде баш најдобро, па често мислат дека сатиричната вест која што ја отвориле е вистинска, па настанува забуна. Една од најпознатите светски веб страни која што објавува сатирични вести е The Onion.
За да им го олесни читањето на вестите, односно распознавањето на вистинските вести, од Facebook ќе почнат тестирање на функција, на почетокот кај одреден број на корисници, која што ќе ги означува сатиричните вести. Означувањето ќе биде на делот за поврзани вести кој што се појавува кога ќе притиснете на некој пост, односно откако ќе го отворите и ќе се вратите потоа на вашата листа со новости. Поврзаните вести ќе бидат означени со ознаката [Satire], односно Сатира, па корисниците нема да бидат во ситуација да мислат дека се работи за вистинска вест.
Можеби ќе се запрашате, за да одредена вест биде прикажана на вашата листа со новости, потребно е да ја следите Facebook страната на таа веб страна, нешто што бара од вас да притиснете лајк. Со тоа би требало да знаете на што притискате лајк, па кога ќе видите вест од таа страна, да знаете за каков тип на статија се работи. Меѓутоа, во последните години Facebook функционира на промовирање на статиите, што значи дека не мора да следите одредена страна за да се појави нејзина статија на вашата листа со новости. Исто така, голем број на корисници стискаат лајк на скоро се што до некаде им изгледа интересно, а немаат ни проверено за каков тип на страна се работи.
Дали следите одредени сатирични веб страни и дали ви се случува да бидете излажани да мислите дека веста која што ја читате е вистинска ?