Оваа социјална мрежа полека, но сигурно станува централно место за се повеќе корисници. Facebook го користиме за следење на информации за нашите пријатели и роднини, страни со вести, спорт и слично.
Може да се каже дека со зголемување на бројот на информации кои што ги добиваме од Facebook, нивното активно следење станува потешко. Работите кои што се појавуваат на листата со новости е огромен, а тука е и алгоритамот кој што одлучува што да ни покаже или да „сокрие“ од нас.
Зошто тогаш Facebook да не ја искористи оваа позиција која што ја има во нашите животи и олеснувајќи ни да дојдеме до саканата информација, да се осигура дека уште повеќе време ќе поминуваме на оваа страна.
Facebook оваа недела претстави новини кои што се однесуваат на делот за нотификации, односно во делот кој што досега го посетувавме за да видиме дека некој ја лајкнал нашата слика, дека е прифатена поканата за пријателство која што ја имаме испратено и слично.
Овој дел, поточно овој дел од мобилната апликација на Facebook, ќе стане посложен и ќе прикажува повеќе информации.
Веднаш можеме да го споредиме со Google Now, поради прикажувањето на информациите поделени во посебни карти. Карти со информации ќе има повеќе, а корисниците ќе може да бираат кои би сакале да ги гледаат или кои не.
Покрај досегашните информации, Notifications делот ќе прикажува животни настани и родендени од пријателите, настани од страните кои што ги следите, како спортски резултати или епизоди од серии, а ќе прикажува и потсетници од настани на кои што се имате приклучено.
Овој дел ќе може да прикажува и информации базирани на локацијата на која што се наоѓате, односно настани во вашата близина, временска прогноза, филмовите кои ги има во кино, како и места во близина за храна и слично.
Сите овие информации корисниците веќе ги следат на Facebook, но со нивното ставање во делот за нотификации, истите ќе бидат поистакнати и полесни за наоѓање. Кога на тоа ќе се додаде и подобрениот дизајн кој што ги организира сите овие информации во посебни карти, тогаш сигурно овој дел од мобилната апликација ќе стане почесто посетуван.
Како и што би очекувале, оваа новина ќе биде достапна на почеток за корисниците од САД на iOS и Android. Сепак, се очекува истата да биде овозможена за сите корисници со тек на време.
Извор: Facebook