Една од поголемите предности на сервисите во облакот, барем за корисниците кои што активно ги користат, е можноста за автоматско зачувување на сликите од вашиот уред. Тоа овозможува да заборавите на можноста да истите ги изгубите доколку нешто се случи со уредот, а исто така одлично се наоѓа и во ситуациите кога сликите сакате да ги видите преку вашиот компјутер.
Автоматското зачувување на сликите е достапно за корисниците веќе одреден период преку повеќе апликации. Тоа може да се направи на пример преку Dropbox, без разлика на тоа кој оперативен систем го користите, како и OneDrive. На Android покрај овие апликации, таква можност нуди и Google+ апликацијата.
Сепак според најновите информации, кои што исто така беа потврдени од Bradley Horowitz од Google, социјалната мрежа на оваа компанија, Google+, ќе биде поделена на два посебни сервиси наречени Photos и Streams. Повеќе детали околу оваа одлука ќе бидат објавени во иднина, а очекувањата се дека тоа најверојатно ќе биде на Google I/O конференцијата.
Во меѓувреме, од порталот Android Police излегоа со информација дека Google Drive можно е да ја добие една од најбараните функции на апликацијата за Android. Тоа е можноста сликите автоматски да бидат зачувувани во облакот од каде што ќе може лесно да се пристапи до нив.
До оваа претпоставка имаат дојдено разгледувајќи го кодот на најновата верзија од Google Drive за Android. Во неа имаат најдено знаци кои што укажуваат на воведување на оваа можност, нешто што не е неочекувано како потег од компанијата.
Покрај ова, се најавува и можно додавање на поддршка за Chromecast, односно прикажување на сликите и видеата од Drive директно на телевизорите.
Извор: Android Police, The Verge