Една од работите кои што ќе добијат доста од развојот на технологијата, поточно вештачката интелигенција, е комуникацијата на луѓето од различни земји. Интернетот веќе одамна ја сруши бариерата помеѓу луѓето во светот, со што тој стана значително помал. Меѓутоа, не секој го говори истиот јазик, па интернетот тука не можеше да помогне многу, барем до сега.
Microsoft веќе го претстави нивниот систем за преведување во вистинско време интегриран во Skype, наречен Skype Translator. Овој систем неодамна беше пуштен официјално за корисниците во Preview верзија и сега за сега може да ги преведува англискиот и шпанскиот јазик.
New York Times известува дека и Google се спремаат да влезат на овој дел од пазарот преку надградба на својата популарна апликација Google Translator. Оваа апликација е дел од сервисот на Google кој што е достапен преку веб и други платформи. Овој сервис моментално овозможува преведување на текст, како и можност за читање на преводот од страна на апликацијата.
Оваа апликација наскоро треба да добие поддршка за преведување на говорот во вистинско време и испишување на преводот текстуално на апликацијата. Апликацијата веќе ја има можноста за преведување на говорот, меѓутоа тоа моментално се прави врз основа на технологијата за препознавање на говорот, а преводот не е баш во вистинско време. Новиот систем треба да биде многу понапреден.
Повеќе информации околу овој систем сепак нема, па останува да почекаме додека од Google го претстават или барем излезат со официјални информации.