При формирањето на Google+ социјалната мрежа пред три години, доколку сакавте да направите профил моравте при тоа да го користите вашето вистинско име. До сега се немаме сетено и обидено да направиме профил под лажно име, па не сме до крај сигурни колку успешно од Google го имаат спроведувано ова барање, посебно во нашата земја. Како и да е, ова правило на социјалната мрежа беше доста критикувано поради тоа што одредени групи сметаат дека има повеќе причини за некој да сака да користи псевдоним и дека не секој го прави тоа од негативни причини. Критиките одат до таму што се тврди дека со ова правило се нарушува и правото на приватност на корисниците.
Од компанијата пишуваат дека кога ја имаат креирано социјалната мрежа, нивната цел била да тоа биде мрежа составена од вистински луѓе, но исто така додаваат дека тоа има спречено одредени луѓе да се приклучат на неа кои што не би сакале да го користат нивното вистинско име.
Почнувајќи од оваа недела, ова правило престанува да важи, па секој ќе може да креира профил на Google+ под кое име сака. Од мрежата истакнуваат дека забраната за тоа какво име можете да користите е целосно тргната. Google почна да покажува дека можеби оди во овој правец уште пред некоја година кога почна да дозволува сопствениците на страни на мрежата да користат имиња по нивни избор, како и YouTube корисниците да ги користат нивните кориснички имиња на мрежата.