По веста дека Google има откриено и пријавено корисник на Gmail од Texas кој што испраќал слики кои содржат детска порнографија, повторно се отвори дискусијата околу приватноста на онлајн комуникацијата. Иако никој не спори дека откривањето и пријавувањето на луѓето кои разменуваат слики со ваква содржина е добра работа, сепак го отвора прашањето за нивото до кое што компаниите имаат пристап до содржината на своите корисници. Одговорот на ова прашање е можеби и едноставен, кога ќе се соберат сите достапни информации во последните години можеме слободно да заклучиме дека компаниите, а посебно тие на масовно користените сервиси, имаат целосен пристап со содржината.
Веќе е познато дека Google ги скенира сите пораки кои што ги разменувате преку Gmail за да овозможи заштита од малициозен софтвер, да ви прикаже специјално наменети реклами и слично. Скенирањето на сликите за откривање на детска порнографија, од компанијата изјавуваат дека е единственото скенирање кое што се прави со цел откривање на криминални активности. Тие нагласуваат дека доколку испратите порака на некого во која што е напишан план за извршување на грабеж, истото не е предмет на скенирање и нема да биде пријавено на властите.
Скенирањето на пораките за слики кои содржат детска порнографија се прави со користење на технологија развиена од страна на Microsoft, наречена PhotoDNA. Оваа технологија Microsoft ја има донирано на американскиот Национален центар за исчезнати и злоупотребувани деца ( National Center for Missing and Exploited Children (NCMEC)). Според законите во САД, компаниите се обврзани да пријават доколку наидат на детска порнографија. Технологијата врши скенирање на слики кои што потоа се поставаат во посебна дата база. Google врши скенирање на пораките за постоење на некоја од овие слики, односно на сликите кои што се во дата базата на слики со детска порнографија.
Може слободно да се каже дека приватноста на интернетот е нешто што скоро и не постои. Како може истата да биде вратена останува да видиме во годините што следат. Какви се вашите размислувања на оваа тема ?