Можеби оваа дигитална валута се’ уште не може да се каже дека е општоприфатена, меѓутоа дефинитивно добива се поголем број на корисници. Дали во иднина ќе успее зависи повеќе од компаниите кои што ќе почнат да ја користат, односно признаваат како платежно средство.
Bitcoin во основа претставува платежно средство за интернет, односно таканаречена дигитална валута. Нејзината вредност поради се’ уште малиот број на корисници и прифатеност доста варира. За разлика од стандардните валути кои што ги користиме, како што е денарот, еврото и доларот, на пример, Bitcoin не е регулирана од ниедно тело, како што се централните банки.
Трансакциите со Bitcoin се сметаат за повеќе приватни, односно тие може да бидат анонимни поради отворениот систем и не постоењето на едно регулаторно тело, како и посредник (банка) при вршењето на трансакциите. Начинот на кој што овој систем работи е peer to peer.
Трансакциите се одвиваат преку користење на криптографска заштита, а нивното извршување се прави преку мрежа од јавни еден вид електронски книги наречени леџери. За вршење на работата на верификација на трансакциите потребен е посебен хардвер и софтвер кој што одредени корисници може да се одлучат да го постават, а после одреден број на трансакции добиваат одредена количина на Bitcoin пари. На овој начин се врши и дополнителното пуштање во оптек на овие електронски пари, а нивната количина е ограничена на 21 милион.
Од оваа недела Microsoft почна да ја прифаќа оваа дигитална валута за одредени нивни производи за корисниците во САД. Корисниците можат да ја надополнат нивната сметка користејќи Bitcoin во соодветна против вредност со доларот преку BitPay.
На почеток корисниците ќе можат да купат работи како апликации, музика и филмови од продавниците на Windows, Windows Phone, Xbox и слични. Плаќање на производи или други сервиси како што се Office 365 или Skype минути, во оваа фаза не е поддржано.
Microsoft во основа почнува мала поддршка за да види како истата ќе биде прифатена од корисниците и да види колку од нив и навистина би биле заинтересирани за користење на оваа валута. Понатамошната поддршка се разбира ќе зависи од развојот на валутата, односно нејзината прифатеност.