Се работи за одлука од страна на Европскиот суд според која што имате „право да бидете заборавени“, односно да побарате од интернет пребарувачите одредени линкови кои што се поврзани со вас, а сметате дека се несоодветни или нерелевантни, да бидат тргнати од резултатите од пребарувањата. Се работи за дискутабилна одлука на Европскиот суд која што ќе биде интересно да видиме како ќе биде спроведувана во пракса во годините што следат, а се разбира да се види и влијанието врз основните права на слободно информирање. Исто така се поставува прашањето какви вредности сака Европската Унија да промовира со постоењето на вакви закони.
На почетокот од овој месец можевте да прочитате за тоа како Google веќе има започнато да трга одредени линкови од резултатите при пребарување врз основа на стигнати барања до нив. Од компанијата известија дека тие имаат добиено повеќе од 70.000 барања за тргање на линкови, што се разбира не значи дека секое барање ќе биде одобрено. Линковите кои што се тргаат од резултатите се тргнати само од европските верзии од пребарувачот, што значи дека доколку некој пребарува преку американската верзија или било која друга која што не е од земја која е членка на Европската Унија, истите ќе бидат достапни.
Од оваа недела и Microsoft ќе почне да нуди можност европските граѓани да побараат одредени линкови да бидат тргнати од резултатите на нивниот Bing пребарувач. Барањето до компанијата може да биде испратено преку посебно направениот формулар кој што тие треба да го пополнат. Во формулар од корисниците се бара да го внесат своето име и земјата во која што живеат, како и линковите кои што сакаат да бидат тргнати. Во формуларот исто така се бараат информации за тоа дали личноста подносител на барањето е јавна личност, како политичар на пример и дали има или планира да има улога во неговата локална заедница која што вклучува лидерство, доверба и сигурност.
Microsoft истакнува дека поднесувањето на формуларот, не значи сигурно тргање на линковите од нивниот пребарувач Bing. Тие ќе ги разгледаат информациите дадени во формуларот, а исто така ќе разгледаат информации и од други извори со цел да можат да ја донесат одлуката. Од компанијата исто така истакнуваат дека тие ќе го земат во предвид правото на приватност на подносителот во однос со јавниот интерес на слободно изразување и достапноста на информациите согласно европските закони.
Извор: PCWorld, WPCentral, Microsoft Help