Facebook официјално влегува во компаниите, односно на пазарот на сервиси за соработка. Во овој случај, мрежата не би била забранета како што тоа е случајот во многу компании, поради намалување на продуктивноста на вработените.
Facebook At Work, како што е наречен сервисот, е наменет токму за спротивното, да ја зголеми продуктивноста преку овозможување на централно место за комуникација, организирање, работа со документи и слично на вработените во една компанија.
Овој вид на сервиси се веќе одамна достапни и масовно користени од компаниите, а на пазарот со свои решенија се и Google и Microsoft, меѓу другите. Дека Facebook работи на вакво решение можевме да прочитаме пред неколку месеци, меѓутоа тогаш информацијата се’ уште беше во форма на шпекулација.
Популарноста на мрежата помеѓу луѓето, е нешто што од Facebook сметаат дека ќе биде клучен фактор во успехот на мрежата за соработка. Корисниците се веќе добро запознаени со неа, а повеќето и ја користат повеќе часови во денот.
Во основа Facebook At Work нема многу да се разликува на изглед од тоа како моментално изгледа. Организираноста на работите ќе биде позната за корисниците. Меѓутоа, на деловната мрежа нема да бидат прикажувани реклами, а исто така од Facebook истакнуваат дека нема да чуваат податоци од корисниците. Сепак, понатаму се очекува користење на некаков модел на заработка, па се очекува сервисот да се наплаќа или можеби да биде дел од платформата за рекламирање на мрежата.
Корисниците ќе можат да се поврзат со своите постоечки Facebook сметки, а исто така ќе може да им бодат доделени и нови логин информации. Без разлика на начинот на најавување, деловната мрежа нема да се меша со приватната, па не постои ризик дека нешто што корисникот го објавил приватно да биде прикажано на неговите колеги или обратно.
На Facebook At Work ќе бидат достапни групи, пораки, документи и слични работи карактеристични за овој вид на сервиси. Вработените со тоа ќе можат на едно централизирано место да ги извршуваат сите работи поврзани со организација на одредени проекти во работењето. Ваквите сервиси го заменуваат користењето на email, cloud сервисите, апликациите за комуникација, поради достапноста на сите преку една интегрирана платформа.
За почеток Facebook At Work ќе биде достапен само за избрана група на компании кои што ќе бидат дел од пилот програмата за тестирање на мрежата. Достапни ќе бидат и апликации за Android и iOS кои што ќе можат да бидат инсталирани само од избраните компании.
Од Facebook изјавуваат дека оваа мрежа ја развиваат подолго време, односно ја развиваат врз основа на системот кој што го користат во компанијата за комуникација и организација на вработените. Тие тоа искуство го имаат склопено во еден сервис кој што треба да биде достапен за сите.
Извор: The Verge, TechCrunch