Во последните години се почесто слушаме за крадењето на лозинки, кориснички имиња, кредитни картички и слични информации на интернет од страна на хакерски групи. Тоа не е ни чудно со оглед на достапноста на интернетот и технологијата, како и фактот дека денес скоро се чуваме онлајн.
Најновиот случај е откриен од страна на сигурносната компанија Hold Security која што открива дека се собрани околу 2 милијарди информации од повеќе од 400.000 веб страни. Поточно, украдени се 1,2 милијарди лозинки и кориснички имиња, како и повеќе од 500 милиони email адреси. Крадењето на информациите е направено од страна на група на хакери од Русија, за кои што од компанијата истакнуваат дека не се поврзани со руската влада. Информациите се собирани од случајно избрани веб страни, односно не е таргетирана една страна, како што тоа често го прават хакерите. Погодени се веб страни на големи компании, меѓутоа и на мали и непознати компании.
Од Hold Security објаснуваат дека групата има дојдено до информации преку купување на украдени податоци од други хакери. Овие информации потоа се користат за напаѓање на email провајдери, социјални мрежи и други страни на кои што се инсталира малициозен софтвер. Исто така хакерите се имаат служено и со податоци добиени од botnet мрежи кои што имаат откриено слабости во SQL базите на веб страните.
Групата од руски хакер е наречена CyberVor од страна на Hold Security компанијата, а зборот Vor значи крадец на руски.
Од компанијата поради зачувување на приватноста на нивните клиенти не ги објавуваат сајтовите кои што се погодени од овој напад, а во наредните неколку месеци планираат да издадат алатка преку која што ќе можете да проверите дали вашите податоци се дел од украдените.
Во ова време на нарушена приватност и зголемен број на хакерски напади на веб страни и сервиси, останува препораката да не користите исти лозинки на повеќе сајтови. Исто така на сервисите каде што е овозможено најавување преку верификација во два чекори (2-step verification), препорачливо е истото да го користите.
Извор: PCWorld, The New York Times, Hold Security
Сликата е од: Salvatore Vuono / FreeDigitalPhotos.net