Twitter се приклучува на трендот на прикажување на видеата на целиот екран и нивно „бесконечно“ разгледување со повлекување нагоре, нешто што стана популарно преку TikTok, а подоцна целосно беше прифатено со воведувањето на Reels на Instagram и Facebook.
Видеата кои веќе беа не така мал дел од Twitter, кога ќе се притисне на нив ќе бидат прикажувани на целиот екран за повеќе „внесено“ искуство, истакнуваат од мрежата, а корисниците ќе може лесно да се вратат на објавата со повлекување на десно.
Тоа што ја прави оваа промени уште повеќе како TikTok е тоа што со отворање на едно видео на целиот екран, Twitter сега ќе овозможи гледање и откривање на други видеа, па со повлекување нагоре, исто како на другите мрежи, ќе биде прикажано друго видео, па друго, се додека на корисникот не му здодее од гледање.

Оваа промена за почеток е пуштена само за корисниците на iOS, но истата доаѓа и на Android.
Дополнително, Twitter планира да почне да прикажува повеќе видео содржина во Explore делот од апликацијата и со тоа покажува дека тие сакаат корисниците и оваа мрежа да ја користат повеќе за видеа.
Дали ова ќе биде добро прифатено од страна на корисниците, ќе видиме. Instagram, Facebook и TikTok се доволни за бесконечното гледање на кратки и најчесто не баш добри видеа, па за некои Twitter е можеби начин да се држат на страна од тој тренд. Сепак, на крајот, кој не сака не мора да ги гледа видеата и Twitter може да го користи како и досега.
