Snapchat е сервис за споделување на слики и видеа, со можност за додавање текст и цртежи, на одредена група на луѓе. Она по што е познат овој сервис, а и го прави различен од другите е времето на достапност на споделената содржина, односно по испраќање на пораката корисникот бира колку време истата да биде достапна кај примачите, после кое што време истата се брише од апликацијата на примачот, како и Snapchat серверите. Корисниците може да изберат помеѓу 1-10 секунди на достапност на пораката, време што се брои по отворање на истата. Snapchat сервисот е достапен како апликација за Android и iOS, а достапни се и неофицијални верзии за Windows Phone.
Оваа недела преку искористување на слабост во сигурноста на сервисот, хакери успеале да дојдат до дел дата базата од корисниците на Snapchat и истата да ја објават јавно и направат достапна за било кој да ја симне. Информациите се објавени на сајтот SnapchatDB.info, кој што е веќе исклучен, а истите беа достапни за симнување во SQL dump формат, како и CSV фајл.
Украдени и објавени биле информации за околу 4,6 милиони кориснички сметки, кои што ги содржеле корисничкото име и телефонскиот број. Како што имаат изјавено од групата одговорна за ова крадење на информации, последните две бројки од телефонските броеви се скриени, но сепак фајлови со целосните информации за достапни на интернет. Причината поради која што е направено ова хакнување, наводно е покажување на постоењето на сигурносни пропусти и укажување на компаниите дека приватноста и сигурноста на своите корисници треба да биде приоритет за истите.
Компанија од Австралија, Gibson Security, која што се занимава со откривање на сигурносни пропусти, веќе објави можни пропусти во Snapchat сервисот, нешто што од страна на Snapchat беше отфрлено како можно да се случи. Сличен пропуст бил искористен во хакирањето на податоците.
Доколку сте корисник на Snapchat и сакате да проверите дали вашата сметка е дел од украдените и објавени сметки, истото можете да го направите преку следниот веб сајт. На истиот само го внесувате вашето корисничко име и добивате информација дали сте дел од објавената дата беза на информации, како и дел од вашиот телефонски број, доколку сте дел од истата.