YouTube во годините на својот развој прерасна од страна каде што луѓето можат да ги објават своите разни видеа, во сериозно развиена мрежа со канали, односно креатори кои што објавуваат „професионални“ видеа кои што слободно можат да конкурираат со доста ТВ емисии. Со оглед на фактот што се поголем број од содржината преоѓа на интернет, YouTube стана голем фактор во тоа што луѓето го гледаат во своето слободно време. Одредени емисии кои што одат и на телевизија, голем број на луѓе ги гледаат кога ќе бидат поставени на YouTube. Се разбира тука е и содржината специјално креирана за на YouTube, нешто што порано не беше можно за обичните луѓе. Сега секој кој што има некаква камера, се разбира и други ресурси, може да започне сопствен канал кој што ако е доволно гледан, ќе им носи и заработка.
Сепак YouTube не е единствената страна за објавување на видео содржина, а успешноста и популарноста привлекува се повеќе конкуренти. Поради тоа сите тие бараат начин како да ги привлечат креаторите и гледачите кај себе.
Најновата мерка која што ја воведува YouTube преку која што треба да се осигури дека ќе продолжи да им нуди на гледачите квалитетна и нова содржина, вклучува финансирање и помагање на сопствениците на најпопуларните канали. Тие ќе добиваат одредени средства над тие што ги добиваат од реклами, како и одредена помош со цел да продолжат да објавуваат нова содржина, но и да размислуваат за нејзино подобрување и креирање на нова.
Ова е уште една мерка на неколку кои што се воведувани во изминатиот период, како што е можноста за добивање на пари од фановите, пристап до опрема и слично. Мерката може да се покаже како одличен начин за задржување на овие креатори кои што имаат започнато на оваа страна и го имаат направено YouTube она што е денес.
Извор: YouTube