Доколку често објавувате видеа на YouTube сигурно знаете дека не можете која сакате музика да ја прикачите на истото. Музиката може да е бесплатна, па истата без проблеми да биде оставена, меѓутоа доколку музиката содржи одредени авторски права, не може да биде прикачувана на видеа слободно.
YouTube вклучува систем кој што им овозможува на носителите на авторски права да пронајдат содржина која што ги нарушува истите, па да преземат одредени чекори. Тоа може да значи тргање на видеото, исклучување на звукот, како и прикажување на реклами од кое што тие ќе добијат одреден надомест.
Она што беше до некаде проблем до сега е фактот што корисник кој што објавува видео, не знае што ќе биде со него доколку содржи одредена заштитена содржина, додека истото не го објави. За сопствениците на популарни YouTube канали тоа често значи дека ќе треба да го преработат видеото и повторно да го објават.
Сега ова е поедноставно преку можноста за пребарување на музиката која што корисниците би сакале да е дел од нивното видео преку YouTube Audio Library. За истата ќе биде прикажано во која категорија спаѓа и дали може да се користи без проблеми.
Тоа значи дека доколку корисник сака да користи одредена песна во неговото видео, истата може да ја побара и да види како истата може да влијае на видеото. Доколку се работи за некоја од познатите песни, најчесто тие може да се користат, а носителот на авторското право ќе прикажува реклами од кои што само тој ќе може да добие пари.
Извор: YouTube