directx-12-logo

Пред два дена, тимот од Microsoft кој со години се посветува на усовршување на најпознатиот графички API, DirectX, на свoјот блог објави дека со полна пареа работи на најновата верзија на популарниот интерфејс, DirectX 12. Изјавата е само потврда на она што истите момци го открија на Game Developers Conferenceгодишен настан на кој се собираат голем број развојни тимови на видео игри.

Според зборовите на тимот, DirectX 12 ќе биде далеку поефикасен, побрз и ќе ги постави темелите на една нова ера во модерниот гејминг. Во центарот на вниманието овојпат се PC и Xbox One игри, што значи дека овој графички API во целост ќе добие и „конзолашки“ шмек.

Со DirectX 12 доаѓа и новата верзија на Direct3D, за која Microsoft ветува големи подобрувања.

„Direct3D 12 овозможува побогати сцени, повеќе објекти, како и целосна употреба на модерниот графички хардвер. Ова не важи само за моќните гејминг конфигурации; Direct3D 12 ќе функционира на сите можни Microsoft уреди. Direct3D 12 е графичкиот API кој сите го исчекуваат, од корисници на телефони и таблети, до оние што имаат лаптоп и десктоп компјутери, и секако, Xbox One.“

Оваа официјална изјава не помина без задолжителните споредби помеѓу Direct3D 11 и она што не’ очекува во Direct3D 12, нешто што наиде на општо поздравување кај присутните поради видно подобрените перформанси.

3D Mark – Direct3D 11 vs. Direct3D 12

 

Во рамките на самата конференција, беше прикажано и PC демо од играта Forza Motorsport 5, која во целост го искористува потенцијалот на Direct3D 12.

Момците од Microsoft сметаат дека гејмерите ќе бидат среќни со податокот дека DirectX 12 ќе работи на повеќе од 80% од постоечките графички карти, што дополнително значи дека инвестирањето во нова карта нема да е задолжително.

Ден по официјалната најава, стигна и потврда од NVIDIA за блиската соработка што оваа компанија ја има со Microsoft околу DirectX 12.

Според најавите, DirectX 12 ќе се појави на почетокот од идната година. За многумина, ова значи дека целосната имплементација на најновиот DirectX во игрите се очекува за две до три години.

Претходна статијаПробајте ги функциите на новиот Galaxy S5 преку апликација за Android
Следна статијаПробајте го Firefox 29 бета, доаѓа со новиот Australis дизајн и нова верзија на Sync