
Веќе неколку години гледаме како неколку познати компании развиваат сервиси за стриминг на игрите. Овие сервиси сега за сега се повеќе насочени кон мобилните кои како платформа се доста привлечни од познати причини во ова модерно време.
Со стриминг на игрите од сервер, наместо тие да се инсталираат и да работат локално, се трга потребата од силен хардвер, целата работа се случува на серверот, па затоа и овие сервиси се достапни и на мобилните.
Воопшто не е чудно да се замисли како со тек на време овие сервиси станат главните кога се во прашање игрите. Можеби гејмерските компјутери ќе останат нешто подолго, но многу лесно може да се замисли како конзолите бидат заменети од помали уреди кои ќе служат за стриминг на игрите, а тие се што треба е да се вклучат во телевизорот.
За вакво можност разговара главниот на Xbox во Microsoft, познатиот Фил Спенсер, кој и најавува една ваква можност од страна на Microsoft, нешто што може да се очекува и идната или за 2022 година.
Тој најавува дека постои можност еден „стик“ за телевизорите да доаѓа со некоја од претплатите за игри на компанијата, Xbox Game Pass, па корисниците се што ќе треба да купат е контролер за да можат да ги играат игрите преку нивните телевизори.
Поради тоа што се работи за стриминг на играта, „стикот“ ќе нема потреба да има силен и скап хардвер, а игрите ќе можат да бидат секогаш со најдобрите перформанси.
Microsoft веќе има сервис за стриминг на игри, xCloud кој стана дел од поскапата претплата на Xbox Game Pass. Ова значи дека се што треба Microsoft е да го овозможи ова на додатни уреди, покрај на Android и корисниците добиваат уште еден начин за играње на игрите.