Неодамнешното пензионирање на Фил Спенсер од позицијата извршен директор на Microsoft Gaming и назначувањето на Аша Шарма на неговото место предизвикаа сериозни дискусии за иднината на гејминг дивизијата. Во овој контекст се огласи и Шејмус Блекли, еден од ко-основачите и креаторите на оригиналниот Xbox, кој изрази отворена загриженост за насоката во која се движи компанијата.
Во неодамнешно интервју за GamesBeat, Блекли истакна дека според неговите согледувања, Microsoft полека го гаси Xbox брендот за целосно да се посвети на развојот на вештачка интелигенција.
Блекли смета дека извршниот директор на Microsoft, Сатја Надела, вложува огромни финансиски средства и кредибилитет исклучиво во иднината на генеративната вештачка интелигенција. Според него, секој бизнис во рамките на компанијата што не е директно поврзан со овој нов фокус, вклучително и Xbox, постепено ќе биде маргинализиран.
Овие коментари се надоврзуваат на веќе постоечките реакции од „гејминг“ заедницата и вработените во компанијата. Досегашната кариера на Аша Шарма е примарно фокусирана на технологија за вештачка интелигенција и машинско учење, што дополнително ги потхранува стравувањата дека „гејмингот“ ќе стане секундарен. Извештаите покажуваат дека и самите вработени во Xbox се претпазливи и стравуваат дека новото раководство ќе инсистира на интеграција на вештачка интелигенција на сметка на развојот на традиционални видео игри.
Иако тврдењата на Блекли се базирани на негова лична интерпретација на пошироката стратегија на Microsoft, тие доаѓаат во период на драстични промени за Xbox. Заминувањето на ветерани како Фил Спенсер и Сара Бонд, комбинирано со назначувањето на експерти за вештачка интелигенција на водечки позиции, јасно укажува на фактот дека Microsoft ја менува својата долгорочна визија.
Останува да се види како овие структурни промени реално ќе се одразат на идните конзоли и игри, но јасно е дека фокусот на компанијата повеќе не е исклучиво на „гејмингот“ во неговата традиционална форма.










































