Фото: Shutterstock.com

Повеќе од една деценија откако застана на чело на Xbox, Фил Спенсер официјално се пензионира од позицијата извршен директор на Microsoft Gaming. Неговото заминување стапува на сила на 23 февруари, а паралелно со него, компанијата ја напушта и досегашната претседателка на Xbox, Сара Бонд. 

Овие промени претставуваат една од најзначајните трансформации во лидерската структура на гејминг дивизијата на Microsoft во последните неколку години.

Нов извршен директор на Microsoft Gaming ќе биде Аша Шарма, која досега ја извршуваше функцијата претседател за CoreAI производи во Microsoft, а претходно има работно искуство во компании како Meta и Instacart. Во рамки на оваа реорганизација, Мет Бути добива унапредување и станува извршен потпретседател и главен директор за содржина, со што ќе биде директно одговорен за сите гејминг студија под капата на компанијата.

Фил Спенсер ја започна својата кариера во Microsoft како практикант во 1988 година. Тој го презеде раководството на Xbox во 2014 година, во период кога брендот се соочуваше со сериозни пазарни предизвици. Во текот на неговиот мандат, Спенсер ја насочи компанијата кон модел базиран на претплати со лансирањето на Xbox Game Pass и реализираше неколку историски аквизиции, вклучувајќи ги купувањата на ZeniMax Media и Activision Blizzard. 

Според официјалното соопштение, тој ќе остане во компанијата како советник до крајот на летото за да овозможи непречена транзиција на раководството.

Назначувањето на Аша Шарма предизвика бурни реакции и забележително незадоволство кај дел од гејминг заедницата. Главните критики на социјалните мрежи се однесуваат на нејзиниот недостиг на работно искуство во индустријата за видео игри, со оглед на тоа што нејзината досегашна кариера е примарно фокусирана на технологија за вештачка интелигенција и менаџирање платформи. 

„Гејмерите“ изразија загриженост дека Microsoft може да го насочи развојот на игри кон автоматизација и генерирана содржина на сметка на традиционалниот дизајн.