После година и неколку месеци од најавата за договорот помеѓу Adobe и Figma за купување на втората компанија за 20 милијарди долари, истиот сега е откажан и нема да се продолжи со негова реализација.
Поради откажувањето, а според договореното, Adobe ќе мора да им плати на Figma 1 милијарда долари во кеш, како еден вид на „казна“ за неизвршување на договорот за купување.
Причината за откажување на договорот е неуспехот во добивањето на дозвола од страна на регулаторните тела, конкретно од британското CMA и од Европската Унија, поточно од Европската Комисија. Според информациите, „проблеми“ биле во подготовка и во САД.
Невозможноста да се добие дозвола од регулаторите е очекувана. Figma е конкурент за Adobe, а во одредени делови и директен. Со купувањето на оваа компанија Adobe во основа ќе го купат еден од најсериозните конкуренти на пазарот, па тоа не би било добро за пазарот, секако.
„Adobe и Figma силно не се согласуваат со неодамнешните регулаторни наоди, но веруваме дека е во наш најдобар интерес да се движиме напред независно“, рече Шантану Нарајен, претседател и извршен директор на Adobe. „Иако Adobe и Figma ја споделуваа визијата за заедничко редефинирање на иднината на креативноста и продуктивноста, ние продолжуваме да бидеме добро позиционирани да ја искористиме нашата огромна пазарна можност и мисија да го промениме светот преку персонализирани дигитални искуства“.
Figma останува на пазарот како независна компанија која станува се повеќе популарна, а тоа може да се види и од договорената сума за купување на компанијата.