Од оваа недела официјално стапи на сила новиот закон од ЕУ кој од големите ИТ компании бара да направат одредени измени во начинот на функционирање, а што тоа значи во голем дел можевме да видиме со iOS 17.4 верзијата која Apple веќе ја пушти.
Дел од обврските кои Apple мораа да ги следат е овозможување на алтернативни продавници за апликации, алтернативни платежни системи, алтернативни технологии за прелистувачите и слично.
Од компанијата објавија документ преку кој ги објаснуваат сите новини кои ги имаат воведено како резултат на новите закони. Во овој документ веќе ги има досега познатите промени, заедно со честите предупредувања од страна на Apple за можното влијание на приватноста и безбедноста на корисниците.
Три нови работи се објавени во документот за кои досега немавме информации. Тие ги вклучуваат можноста за бришење на Safari прелистувачот и избор на главна апликација за навигација, односно ќе може да се избере друга покрај Apple Maps.
Во документот исто така се гледа и најава за претставување поедноставен начин за префрлување на податоците од iPhone на некој од Android смартфоните. Оваа новина треба да биде овозможена до март идната година.
Корисниците веќе имаат апликации, како таа од Google, кои го овозможуваат ова, па се очекува дека Apple ќе мораат да овозможат префрлување на повеќе податоци од сега достапните.