Во соопштение објавено од страна на Apple, од компанијата информираат дека во соработка со Google, имаат започнато со иницијатива за воведување на стандарди поврзани со мали уреди за следење, каков што е AirTag.
Овие уреди се поврзуваат преку Bluetooth со телефонот и се замислени корисниците да ги постават на својот приврзок за клучеви, во чантите, а има корисниците што ги ставаат и на ремчето од своите домашни миленици. На овој начин тие лесно можат да ги најдат во ситуациите кога не знаат каде ги имаат оставено.
Сепак, ваквите уреди се злоупотребуваат, па корисниците можат да бидат следени без да знаат, а таквите ситуации подоцна можат да доведат до ограбување, на пример.
Двете компании планираат развој на посебна спецификација која би ја користеле производителите на вакви уреди, која ќе го спречи или барем доста отежне несаканото следење. Корисниците би требало да добијат известување кога непознат „таг“ ги следи, по што би се обиделе да го пронајдат каде е.
Покрај овие две компании, вклучени и поканети се и организациите, како и производителите да се здружат за да спецификациите се користат што повеќе. Соработката веќе ја имаат потврдено Samsung, Tile, Chipolo, eufy Security и Pebblebee.
Оваа соработка сигурно не може целосно да им гарантира на корисниците дека нема да бидат следени без да знаат, но може да го направи процесот потребен да се направи таа активност, многу повеќе сложен и да не може било кој да го направи.