
Како дел од политичко-економската војна која ја води САД со Кина, најновата „жртва“ е популарната апликација за кратки видеа TikTok. Оваа апликација повеќе пати досега се споменува како апликација која ја загрозува приватноста на своите корисници, а САД планираат дури да ја забранат во нивната земја.
Претседателот Трамп најави дека подобро е некој да ја купи оваа апликација и така да продолжи да функционира во САД, а земјата треба да добие и процент од таа трансакција, според него.
Microsoft излезе со информација дека тие се во преговори со ByteDance за купување на нивниот сервис, TikTok, со што тие би биле сопственици во САД и уште неколку земји, додека во остатокот од светот апликацијата ќе продолжи да функционира исто.
Од компанијата поставија рок до 15-ти септември, како последен ден кога тие би ја донеле одлуката дали ќе ја купат апликацијата или не.
Од Кина веднаш дојде реакција дека тие нема да прифатат „кражба“ на нивната ИТ компанија и дека имаат повеќе начини како да реагираат.
Според нови информации, Apple исто така наводно се заинтересирани за купување на апликацијата која е јасно дека е една од повеќе популарните апликации во светот. Доколку некој ја купи, автоматски добива важност на светскиот пазар која може да се спореди со таа на Instagram и Facebook.
Сепак, од компанијата официјално истакнуваат дека тие ниту се во преговори за купување на TikTok, ниту се заинтересирани за такво нешто. Неофицијалните информации или се погрешни или од компанијата се далеку од носење на таква одлука, па не би сакале да потврдат такво нешто.