По ланското неуспешно купување на ARM од страна на Nvidia, јапонскиот сопственик на ARM, SoftBank, најави дека „планот Б“ е да се понудат акциите на компанијата на пазарот, па на тој начин да се дојде до потребните средства.
Според Nikkei Asia, SoftBank планира иницијална јавна понуда на акциите на ARM во септември, а истото ќе го направи на Nasdaq берзата, за што ќе треба да добие и дозвола од американската SEC.
Се верува дека вредноста на компанијата ќе достигне врв од 60 милијарди долари, со што оваа ИЈП би била и најголемата досега. Nvidia требаше да ја купи компанијата за 40 милијарди долари, што значи дека потенцијално сега може да бидат собрани повеќе средства.
Едни од најголемите инвеститори се очекува да бидат компаниите кои веќе соработуваат со ARM, па се очекува инвестирање од страна на Apple, Samsung, Nvidia и Intel, меѓу другите.
ARM слободно може да се каже дека се главната компанија на пазарот на чипови. Тие не ги произведуваат своите чипови, па начинот на којшто функционираат е преку нивен дизајн и продажба на дизајнот на другите компании.
Компанијата е со седиште во Кембриџ каде е и основана во деведесеттите години, како соработка помеѓу бизнисот и академските претставници.