Деца и адолесценти денес беа во центарот на вниманието на настан посветен на врсничко застапување против сајбер-насилството и говорот на омраза на интернет, организиран од УНИЦЕФ иФондацијата Телеком за Македонија, во соработка со Сојузот на извидници на Македонија. Претставувајќи ги своите идеи и решенија, тие повикаа на поддршка за создавање побезбедна и поинклузивна дигитална средина.
Децата, поделени во пет тимови, ги претставија своите креативни идеи за иницијативи насочени кон создавање побезбеден интернет простор без омраза. Меѓу нив, беа презентирани идеи за креирање младинска дигитална серија со дебати во подкаст-формат за онлајн омразата, модули родител–дете за поттикнување отворени разговори за сајбер-насилството, како и иницијатива за зајакнување на улогата на детските правобранители во училиштата за заштита на дигиталните права. Дополнително, беа претставени две идеи за онлајн платформи управувани од млади, кои ќе нудат практични совети и врсничка поддршка за деца што се соочуваат со онлајн притисок и предизвици поврзани со менталното здравје.

Младите учесници го претставија и новиот Прирачник за превенција од сајбер-насилство и говор на омраза, ко-креиран и тестиран заедно со деца и експерти. Наменет за наставници, психолози, социјални работници и младински работници, прирачникот содржи 19 интерактивни активности кои промовираат дигитална безбедност, емпатија, одговорно онлајн однесување и свесност за влијанието што онлајн постапките го имаат врз другите.
Осврнувајќи се на иницијативите, Весна Јаневска, министерка за образование и наука, и Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација, изразија поддршка за акцијата предводена од деца. Тие ја нагласија важноста од координацијата меѓу образованието, политиките од областа на дигиталната средина, семејствата и институциите.
„Како Министерство, работиме на постојано јакнење на системското делување против сите видови на насилство. Секое училиште има законска обврска да побара поддршка од Педагошката служба кога се соочува со несоодветно или проблематично однесување на учениците. За превенирања и поголема поддршка на училиштата ја креиравме е-адресата prijavinasilstvo@mon.gov.mk каде учениците, наставниците, родителите и сите засегнати можат да пријават секаков вид насилство.“ рече министерката Јаневска, упатувајќи благодарност до сите партнери на министерството кои се вклучени во справувањето со врсничкото насилство. „Во оваа учебна година има 34 пријави, но ниту една за насилство преку интернет. Тоа не значи дека го нема и затоа ги охрабруваме младите, кога ќе се соочат – веднаш и да пријават и ќе ја добијат потребната поддршка и помош“.

„Она што ми остави најмногу впечаток е што иницијативите комбинираат онлајн и офлајн активности и алатки за заштита на децата и младите. Сајбер насилството е предизвик кој не постоел во времето кога растеле вашите родители, па затоа е клучно да се работи заедно – со родителите, училиштата, стручните служби и младите. Ние ви стоиме на располагање како институции и ќе ве поддржиме со дополнителни алатки што ќе ви бидат од корист.“ рече Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација.
Горан Марковиќ, главен извршен директор на Македонски Телеком и претседател на Фондацијата Телеком за Македонија, истакна колку е важно да се поддржат младите за самите да ја предводат позитивната промена: „Кога го започнавме ова партнерство со УНИЦЕФ, знаевме дека онлајн омразата е една од најголемите закани за еднакво дигитално општество и дека мора да се спротивставиме. Свесни сме дека овој негативен феномен особено ги погодува децата и младите, и затоа треба да им дадеме глас, алатки и моќ да создадат побезбеден и похуман онлајн свет. Додека тие ја предводат оваа борба, сите ние имаме одговорност да ги заштитиме.“
Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ, ги пофали лидерството и креативноста што ги покажаа младите презентери: „Денес видовме како изгледа вистинско и значајно учество на децата. Претставените идеи се промислени, креативни и произлегуваат од реални искуства. Тие покажуваат дека децата и адолесцентите мора да бидат дел од решението. Горди сме што ги поддржуваме во претворањето на овие идеи во конкретни активности, за секое дете да може да се чувствува безбедно и почитувано во дигиталниот простор. Заштитата на децата онлајн е заедничка одговорност. Ги повикуваме сите партнери – телекомуникациската индустрија, регулаторите, родителите, наставниците и владите да ги исполнат своите обврски и да осигураат дека децата се заштитени и безбедни онлајн.“

Претставените иницијативи и прирачникот се дел од движењето #НетБезХејт, предводено од деца и адолесценти кои се залагаат за дигитален свет во кој секој се чувствува безбедно, почитувано и слушнато. Поддржани од партнерството меѓу УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија, тие ко-креираат решенија, го зајакнуваат врсничкото застапување и ги претвораат сопствените искуства во конкретни активности низ целата земја. Во текот на годината, младите застапници ќе ги спроведуваат своите иницијативи и ќе ги претставуваат низ државата за да вклучат што повеќе деца.
Обединувајќи ги децата, институциите, приватниот сектор и граѓанското општество, настанот покажа како акцијата предводена од врсници, поддржана со силни партнерства, може да придонесе за побезбеден и поинклузивен онлајн простор и да помогне во градењето дигитална култура заснована на емпатија, почит и одговорност.










































