
По објавата на Елон Маск преку неговиот Twitter профил дека планира да ја приватизира Tesla, како и дека за тоа ги има обезбедено потребните средства, очекувано оваа информација имаше големо влијание на пазарот на хартии од вредност. Вредноста на акцијата на Tesla се зголеми, а поради тоа одредени инвеститори решија и да го тужат Маск, тврдејќи дека покрај другото, тој немал обезбедено средства како што тврди.
Овие случувања стигнаа и до Комисијата за хартии од вредност на САД кои проверуваат дали им основа за започнување на истрага, а Маск потенцијално се соочува со одредени казни, па дури и кривични истраги.
Сепак, тој тврди дека средствата се навистина обезбедени и дека за нив се преговара веќе 2 години. Преговорите се водат со суверениот државен фонд на Саудиска Арабија, односно како што исто така се нарекува Јавен инвестициски фонд. Овој фонд веќе има купено 5% од акциите на Tesla, па сака целосно да ја откупи компанијата.
Причината поради која овој фонд би сакал да влезе во ваков бизнис, според некои е намалувањето на зависноста само од нафта, а посебно во време кога се гледа почетокот на масовното преминување на електричните автомобили.
Интересот на Елон Маск е во добивање на дополнителни средства за работа на компанијата, а најважно од се, намалување на притисокот од големиот број на акционери кои не секогаш се во линија со долгорочните планови на Маск за Tesla.
Според некои, оваа информација од Маск е пуштена со цел да ја намали штетата и можните последици кон него по објавата на Twitter, меѓутоа според други, сепак се работи за вистински преговори и договорот би требало наскоро да биде реализиран.