За време на судењето каде што Oracle ги тужи Google за користењето на Java при развојот на Android, покрај излегувањето на информацијата за тоа дека Google има плаќано на Apple за користење на пребарувачот во iOS, излезе уште една интересна и досега криена информација.
Според адвокатите на судењето, а пренесено од Bloomberg, Google има направено приходи од Android во вредност од 31 милијарда долари, а од нив направен е профит од дури 22 милијарди.
Кога ќе се земе во предвид пазарниот удел на Android, односно големиот број на уреди коишто работат на овој оперативен систем, споменатите бројки сигурно нема да изненадат никого.
Инаку, оваа информација исто така не е потврдена официјално од компанијата, а тие имаат побарано таа да не биде јавно достапна. Тие исто така имаат истакнато дека информациите за приходите и профитот не ги делат посебно за Android, а објавувањето на ваквите информации може да претставува проблем за нив.
Како од Oracle имаат дојдено до овие бројки не е познато, па ќе биде интересно да се следи продолжетокот на судењето за коешто тужбата е поднесена уште во 2010 година.