Голем број од игрите кои што се достапни во продавниците за апликации на мобилните платформи иако се бесплатни за симнување, вклучуваат можност за купување на разни додатни работи преку самата апликација. Некои од нив може да се играат без потреба од додатни купувања, меѓутоа доста од нив за да може целосно да се искуси играта мора нешто да докупите. Купувањата преку самата апликација обично вклучуваат купување на додатни нивоа во игрите, одредени алатки, возила и слично.
Во изминатата година можеше да се прочита за проблемот кој што има настанато поради купувањата кои што ги имаат направено деца во App Store без одобрување од страна на родителите. Од Apple веќе се имаат спогодено да вратат повеќе од 30 милиони долари поради ваквите купувања, а веќе се вградуваат разни заштитни механизми да барем децата не можат да прават нарачки без дозвола од родителите.
Европската комисија, како што и има обичај, оди чекор понапред барајќи од Google и Apple да преземат конкретни чекори со кои што ќе се осигурат дека ваквите појави нема да се случуваат или дека барем ќе се сведат на минимум. Поради ова барање од комисијата, Google веќе од крајот на Септември ќе го промени начинот на кој што ги прикажува игрите кои што се бесплатни за симнување, меѓутоа вклучуваат можност за купување преку апликацијата. Тоа значи дека ваквите игри веќе нема да бидат означени како бесплатни, односно ќе бидат означени на друг начин. Исто така од Google ќе воведат верификување на плаќањата пред тие да бидат одобрени.
Од Европската комисија со жалење истакнуваат дека иако од Apple не одбиваат да преземат мерки да ги спречат ваквите појави, тие сепак немаат дадено никаков рок или план за тоа што планираат да направат и кога. Од компанијата во одговор на прашање од порталот Engadget истакнуваат дека тие ги имаат едни од најдобрите, интуитивни и прилагодливи мерки за децата и родителите во нивната продавница за апликации.
Покрај овие барања, од Европската комисија бараат програмерите да овозможуваат email адреса преку која што корисниците ќе можат да ги контактираат и да постават одредени прашања. Исто така од комисијата се бара да програмерите во игрите не поставуваат делови кои што бараат од децата да купат одредени работи или тоа да го бараат од своите родители.
Извор: The Verge, Engadget, European Commission