Aloft хотелот кој што се наоѓа во Cupertino, California од 20-ти Август оваа година ќе почне тест програма во која што ќе бидат вклучени неколку роботи кои што треба да ја извршуваат задачата на собна услуга. Тоа значи дека доколку некој од гостите има потреба од нешто да му биде донесено во собата, како што се нови крпи, храна и слично, услугата ќе ја добијат од робот.
Роботот кој што е наречен Botlr, како спој на зборовите robot battler, е направен од страна на компанијата Savioke чии што главен директор и финансиер веќе има долгогодишно искуство во оваа област. Компанијата моделот го нарекува SaviOne, додека во хотелот ќе се нарекува A.L.O Botlr.
Botlr е со висина од нешто помалку од еден метар и тежина од околу 50 килограми. Направен е без да вклучува било какви екстремитети, како кај оригиналниот дизајн на моделот, поради помали трошоци, а и полесно прилагодување и интеракција со гостите на хотелот. Се движи со помош на 4 мали тркалца, а низ ходниците може самиот да се движи со помош на камери и сензори, како и вградените Wi-Fi и 4G мрежни можности. Брзината со која што се движи е слична на таа на стандардното движење на човекот. На горната страна има простор за ставање на работите кои што треба да ги однесе, а тие може да бидат со тежина до 1 килограм. Исто така на горната страна е поставен 7 инчен таблет компјутер на кој што се испишуваат инструкциите за гостите, а и се контролира од страна на вработените во хотелот.
Botlr ќе работи на тој начин што кога нешто ќе треба да се однесе во некоја соба, гостите се јавуваат на главната рецепција, по што вработените го натоваруваат роботот и ја внесуваат собата во која што треба да ги однесе. Повикувањето на лифтовите го прави преку Wi-Fi конекција, а кога ќе пристигне пред собата на гостинот, телефонски го известува дека е пред неа.
Како што нагласуваат од хотелот, со вклучувањето на роботи во хотелот, не планираат да го намалат бројот на вработени, туку дека ова ќе им овозможи на вработените да се концентрираат на поважни работи поврзани со гостите, наместо со носењето на ситници до собите. Доколку тест периодот се покаже како успешен, од хотелот планираат да ги опремат сите свои хотели со по неколку вакви роботи.
Гостите се охрабрени да ги испраќаат своите selfie фотографии со роботот на социјалните мрежи, а исто така можат да ја користат и #meetbotlr ознаката (hashtag).