Фото: Apple

Неколку пати досега можевме да прочитаме дека наредниот директор на Apple најверојатно ќе биде Џон Тернус, кој моментално е задолжен за развојот на хардверот во компанијата. 

Дел од гласините дури најавуваа дека промена на челото на Apple ќе се случи на почетокот од оваа година, но Марк Гурман од Bloomberg, кој најмногу пишуваше за Тернус како наследник, истакнува дека плановите не се баш такви. 

Гурман во неговата последна објава информира дека Џон Тернус има добиено дополнителни обврски во компанијата, иако тоа не е јавно објавено. Според него, Тернус покрај за хардверот, сега е директно под Тим Кук и за дизајнот на корисничкиот интерфејс. 

Ова е голема одговорност со оглед на тоа што досега оваа „чест“ ја имале мал број на луѓе, односно Џони Ајв, Тим Кук и Џеф Вилијамс. 

„Во мојот извештај, забележав дека Кук донел одлука да го постави Тернус за раководител на дизајнерската група за да го запознае со повеќе делови од работењето на компанијата и да му даде поголема одговорност. Во овој момент не се случува предавање на палката – и Кук останува цврсто на чело – но сега е кристално јасно дека Тернус е водечкиот наследник.“ – истакнува Марк Гурман. 

Иако информациите не се официјални, Гурман обично внимава што објавува и ретко греши. Поради тоа, може да се смета дека Џон Тернус ќе биде наредниот директор на Apple, па останува само да видиме кога ќе се случи промената. 

За Тим Кук се верува дека ќе остане во Apple како претседател на одборот на директори, односно нема целосно да се повлече. 

Во истата објава Гурман го најави и презентирањето на новата верзија од Siri, резултат на новата соработка со Google и нивните Gemini јазични модели, за наредниот месец, како и тоа дека 2026 ќе биде највозбудливата година за линијата на компјутери од Apple.