Фото: Apple

Познато е дека од Apple си заминаа доста вработени, меѓу кои и неколку клучни директори, како на пример најновото заминување на главниот за дизајн Алан Дај кој сега е дел од Meta. 

Дај беше поставен на неговата позиција уште пред да си замине легендарниот Џони Ајв, па иако ова не беше прво заминување од компанијата изминатиот период, ова привлече доста поголемо внимание. 

Сепак, според некои, заминувањето на Дај е позитивна работа и големи се шансите неговиот наследник, Стивен Лемеј, да го врати стилот на работа назад каков што беше во времето на Стив Џобс. 

Кратко после објавата на оваа информација излезе информацијата дека од својата позиција виш потпретседател на хардверските технологии сака да си замине Џони Сруџи. Оваа информација ја објави Марк Гурман, кој е познат по своите точни објави поврзани со Apple. 

За разлика до Алан Дај, заминувањето на Сруџи нема како да се „сврти“ и да биде презентирано како позитивна работа. Се работи за доста успешен и способен директор во компанијата кој во најголем дел стои зад развојот на чиповите дизајнирани од Apple. 

Со други зборови, Сруџи може да се каже дека е човекот кој стои зад успехот на М серијата на чипови, а познато е што направи оваа промена за популарноста на Mac изминатите години. 

Според најновата објава од Гурман, Џони Сруџи сепак нема да си замине, а наводно за тоа да биде така направени се големи напори. 

Гурман пренесува порака која Сруџи ја има испратено до вработените, а таа наводно истакнува: 

„Знам дека читавте секакви гласини и шпекулации за мојата иднина во Apple и чувствувам дека треба да слушнете директно од мене. Горд сум на неверојатните технологии што сите ги изградивме како екраните, камерите, сензорите, чиповите, батериите и многу широк спектар на технологии, низ сите производи на Apple. Заедно ги овозможуваме најдобрите производи во светот. Го сакам мојот тим и ја сакам мојата работа во Apple и не планирам да си заминам наскоро.“

Овие случувања најавуваат дека наскоро можеме сигурно да очекуваме нови информации околу пензионирањето на Тим Кук и можното негово наследување од страна на Џон Тернус.