7f1b7a10.good_times

Kim Dotcom најмногу и стана познат на јавноста по затворањето на неговиот мегапознат сервис за размена на фајлови Megaupload. Овој сервис овозможуваше корисниците да прикачат одредени фајлови, обично големи за испраќање преку email и со тоа да ги направат достапни за симнување на сите кои што имаат линк. Се разбира, тоа не беше единствен таков сервис, а такви постојат и денес. Она што го издвојуваше Megaupload од другите, беше тоа што тој стана најмногу користен за размена на фајлови кои што не смеат да бидат разменувани, односно музика, филмови, серии, софтвер и слично, нешто што денеска се прави преку torrent страните.

По скандалите кои што се случија при обидите за затворање на сервисот, криминални истраги поврзани со Kim Dotcom и слично, сервисот престана со работа во 2012 година. Од тогаш Kim работи на развој на нов cloud сервис наречен Mega, како и уште неколку други проекти. Еден од проектите на Kim е и Baboom музичкиот сервис кој што треба да биде пуштен идната година. Овој сервис е еден вид на комбинација помеѓу сервисите кои што нудат симнување на музика и тие што нудат нејзин стриминг. Моделот на работа вклучува можност за бесплатно симнување и стриминг, како и можност за плаќање.

Една од клучните работи за функционирање на сервисот е, се разбира, правењето договори со луѓето од музичката индустрија, нешто што изгледа не им идело најдобро додека Kim е дел од оваа компанија. Како што истакнува тој на својот Twitter профил, музичката индустрија го мрази, па тој мора да ја напушти компанијата за таа да може да напредува.

Извор: Engadget, The Guardian