Logitech веќе е меѓу најпознатите брендови во своето поле на работа, меѓутоа живееме во време на голема конкуренција, многу нови компании, па освежувањето на долго користениот бренд, може само да помогне. Компанијата сигурно на сите им е позната најмногу по популарните глувчиња, тастатури, звучници, гејминг производи и слично.
Промените во компанијата ги води поранешниот директор за дизајн во Nokia, Alastair Curtis кој што работи во Logitech уште од 2013 година, кога и ги има започнато подготовките. Некои од најавените промени потсетуваат на неговата работа во претходната компанија, односно користењето на разни бои.
Главната промена доаѓа од првото нешто што се гледа кога се разговара за брендот на една компанија, а тоа е логото. Тоа е целосно променето и ќе го претставува новиот имиџ на компанијата. Како што истакнавме погоре, компанијата ќе почне да користи повеќе бои во своите производи, нешто што стана актуелно со првите Lumia телефони.
Покрај овие промени, Logitech претстави и ново име кое што ќе се користи во нова категорија на производи кои што во овој момент не се конкретно најавени. Се работи за името Logi, а треба да се користи во производи како што се тие од Internet of Things и слично.
Според најавите, името Logi е можно со текот на годините да почне да се користи за сите производи од компанијата, односно да го преземе местото на главното бренд име.
Промените во брендирањето корисниците ќе почнат да го гледаат во годината што следи, а тоа ќе може да се види од веб страната и социјалните мрежи, па се до производите.