Windows 10 е одличен оперативен систем кој се повеќе корисници го прифаќаат. Приказната можеби ќе беше целосно позитивна да не беше ситуацијата со малку поагресивниот пристап на Microsoft во обидот да ги мотивира корисниците да ја инсталираат уште еден месец бесплатно достапната надградба.
За потсетување, Windows 10 е достапен од 29-ти јули 2015 и за сите корисници на лиценциран Windows 7 или понов е достапен како бесплатна надградба до 29-ти јули оваа година, односно уште еден месец. Засега нема најава дека понудата ќе биде продолжена, но останува да видиме дали ќе има барем некоја нова.
Покрај другото, една од тактиките на Microsoft да ги мотивира корисниците да ја искористат бесплатната надградба и да го инсталираат Windows 10 беше за тоа да ги потсетува преку посебна, сега веќе позната Get Windows 10 апликација.
За истата излегоа доста критики, а посебно по почнувањето на практиката истата да ги симнува потребните фајлови за надградба на оперативниот систем без дозвола на корисниците, барем не директна.
Потоа можевме да прочитаме за случаеви каде корисниците не можеле да најдат начин како да ја откажат надградбата, до тој степен што дури и притискањето на X копчето на понудата, правело закажување на надградбата, а не нејзино откажување.
Пред сето ова да започне да биде вака, надградбата сепак се симнуваше со дозвола на корисниците, а во главно кај тие кои ја имаа резервирано својата. Сепак, според Тери Голдстајн, бизнисменка од Калифорнија, таа никогаш не слушнала за оперативниот систем, не одобрила инсталација, но тоа сепак се има случено.
По надградбата, нејзиниот систем почнал да „паѓа“, работел бавно, односно кратко кажано, се случиле од тоа време познатите неуспешни надградби. Помош побарала од техничката поддршка на компанијата, па откако не успеале да го средат системот, таа работата ја однела на суд.
Од судот одлучиле дека таа е во право и дека треба да и бидат исплатени бараните 10.000 долари, како отштета за изгубеното време, но и купување на нов компјутер. По откажување на жалбата од страна на Microsoft, таа може да ги добие парите.
Иако се работи за еден случај и не нешто посебно голема сума на пари, а посебно за толку голема компанија, овој случај само покажува дека Microsoft не успеа да ја одбере баш најдобрата тактика за Windows 10.
Бесплатната надградба беше одлична понуда, меѓутоа времето ќе покаже дали штетата во угледот ќе ги оправда повеќе од 300 милиони корисници кои веќе го користат новиот Windows, што е одлична бројка.
Извор: The Seattle Times, PCWorld, ExtremeTech