tech20151116

Да го тргнеме песимизмот од Фермиевиот парадокс на страна и да се понадеваме повеќе. Постојат милијарди милијарди планети во нашата галаксија и во Универзумот. Многу од нив се погодни за да се развие живот налик нашиот. За да се открие потребно е да се откријат основните „потписи“ кои животот ги остава, а тоа во нашиот случај се органските молекули базирани на јаглерод, водород и кислород.

Тогаш, се поставува логичното прашање: како би можеле воопшто да откриеме дали има вакви молекули на некое друго вселенско тело? Одговорот на NASA е со користење на нивниот „хемиски лаптоп“.

Се работи за пренослива и подвижна лабораторија која има способност да препознае дали постојат органски молекули и дали тие дошле поради постоење и развивање на жив свет. Кога ќе слета на некое вселенско тело „лаптопот“ прибира примероци, а потоа ги анализира во сопствената хемиска лабораторија.

Истражувачите оваа лабораторија ја споредуваат со еспресо машина поради тоа што се загрева и ги растопува соединенијата во вода. Овој чекор е потребен за да можат да се анализираат истите со ласер и да се заклучи нивната форма и историја.

tech20151116c

Органските молекули можат да бидат „свртени“ кон лево или десно. Досегашните видови на органски молекули кои постојат на Земјата се свртени доминантно кон лево поради фактот дека така започнало во еволутивната историја и останало поради компатибилност.

Земајќи го овој факт, научниците веруваат дека органските молекули кои би се нашле на друга планета, а кои би потекнувале од жив свет (не од случајност)  би биле свртени доминантно кон едната страна. Наоѓање на органски молекули кои се во просек свртени и кон двете страни би значело дека тие се создадени од друг влијатор, а не од страна на жив свет.

Бидејќи е тешко да се заклучи накаде одредена молекула е свртена на оддалеченост од милиони километри, „хемискиот лаптоп“ ќе има специјални фарби кои можат да се „залепат“ само на одредена страна и така ќе помогнат во потврдување или негирање на погорното тврдење.

Идејата е оваа хемиска лабораторија да се испрати со вселенски брод до некоја планета или комета и да почне да прави анализи од почвата. Докажувањето на постоење живот налик органскиот би било навистина монументално откритие. Токму затоа ја поддржуваме NASA во нивната мисија и се надеваме дека ќе откриеме такво нешто во блиска иднина, побивајќи го Фермиевиот парадокс накај оптимизам.

Извор: NASA.com, The Verge

Претходна статијаiPhone 7 ќе има OLED дисплеј и нема да има стандарден влез за слушалки?
Следна статијаChallenge Up! Стартапите импресионираат со иновативни IоТ решенија